Земјотрес или потрес е природна појава, којашто е резултат на поместувањето на тектонските плочи, движењето на земјината кора, при што се ослободува голема енергија што води до потресување на земјата.[1]
Јачината на потресот зависи од повеќе фактори, како што се количината на ослободена енергија, длабочината на хипоцентарот, оддалеченоста од епицентарот и составот на земјината кора. Земјотресот се манифестира со потрес или дислокација на земјиното тло.
Јачината на земјотресот се изразува со помош на Меркали-Канкани-Сибергова скала, попозната како Меркалиева скала, којашто има 12 степени и се темели врз разорноста и последиците од земјотресот.
Постои и Рихтерова скала или скала на Рихтер, којашто има магнитут од 0 до 9 степени и се темели врз јачината (количината) на енергија што се ослободува при потресот.
Науката што се занимава со изучување на земјотреси се нарекува сеизмологија, но и покрај големиот напредок на технологијата и новите сознанија, и денес е многу тешко да се предвиди земјотресот и неговите последици. Направата со којашто се мери земјотресот се нарекува сеизмограф, а документот што останува се нарекува сеизмограм.
Постојат повеќе видови на земјотреси, меѓу кои најчести (90% од случаевите) се т.н. тектонски потреси, коишто воедно се и најсилни и најразрушувачки. Наречени се тектонски бидејќи настануваат при движењето и допирот на тектонските плочи. Постојат уште и вулкански земјотреси (7% од случаевите), коишто се послаби и настануваат при ерупција на вулкан, и земјотреси коишто настануваат при пропаѓање на земјиштето, т.н. одронски земјотреси (3% од случаевите).
Земјотресот со случува во внатрешноста на Земјата и тоа место се нарекува жариште. Точката во внатрешноста на Земјата кадешто настанува земјотресот се нарекува хипоцентар, а местото на површината на Земјата каде тој најсилно се чувствува е епицентар. Од епицентарот, трусните бранови продолжуваат да се движат во концентрични кругови, но со послаб интензитет. Според длабочината, хипоцентарот може да биде плиток (до 70 km длабочина), среден (од 70-300 km длабочина) и длабок (300-730 km длабочина).
Земјотресот се шири во бранови. Според брзината на ширење, се делат на лонгитудни или примарни и трансверзални или секундарни слики. Правецот на ширење на брановите може да биде вертикален или хоризонтален. Земјотресите се важен фактор во формирањето на релјефот на Земјата, но може да нанесат и катастрофални последици од материјална штета или човечки жртви.
Предели кои се најподложни на земјотреси се вулканските огнени прстени и областите околу младите верижнипланини. Во Македонија најтрусно подрачје е Вардарската долина.
Comments
Post a Comment